Квалитетната статистика е клучна за процесот на носење добри одлуки и за водењето солидни економски политики.
Оттаму, функционалниот статистички систем и соработката помеѓу институциите од тој систем се од суштинско значење за осмислувањето на јавните политики, но и за носењето деловни одлуки од приватниот сектор.
Потпишувањето на новиот договор за меѓусебна соработка и размена на податоци и публикациски материјали помеѓу Народната банка и Државниот завод за статистика, со кој понатаму се унапредува досегашната соработка на овие две институции, е од особено значајно за функционалноста и ефикасноста на домашниот статистички систем, којшто го исполнува највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоците на Меѓународниот монетарен фонд – СДДС плус. Со новосклучениот договор се проширува опфатот на податоците коишто се разменуваат, се олеснува и се осовременува начинот на таа размена, а истовремено се скусуваат и роковите за доставување податоци. Сето ова ќе придонесе за исполнување на статистичките барања на европските и меѓународните институции и подготовка на квалитетни, веродостојни и навремени статистички податоци. Договорот за соработка во име на институциите го потпишаа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и в. д. директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков.
На средбата беше истакнато дека во изминатиот период, следејќи ги глобалните статистички трендови и меѓународните иницијативи, националната статистика е надградена со нови податоци, како и дека подготовката и дисеминацијата на статистичките податоци е во согласност со најновите европски и меѓународни стандарди. Беше посочено и дека секој учесник има своја улога и одговорност во производството на статистики од својот домен на работење, затоа координацијата и усогласеноста на сите чинители во статистичкиот систем е предуслов за исполнување на целите и обврските на овие институции.